Карпош Соколи доведе екстра-засилување од САД, Џејлон Браун една година „сокол“

Џејлон Браун, доскорешниот кошаркар на американскиот универзитет Евансвил, во новата сезона ќе го носи дресот на македонскиот кошаркарски вицешампион, Карпош Соколи, откако денес потпиша едногодишен договор.

Браун (183 сантиметри), игра на двете бековски позиции и е вистинска машина за постигнување поени. Во последната сезона во дресот на Евансвил просечно постигнувал по 20,9 поени, со што се најде меѓу најдобрите дваесетмина во оваа статистичка категорија во цела НЦАА-лига. 

За Браун ова ќе биде прво европско искуство и од него се очекува да продолжи по стапките на сонародникот Кендрик Пери, кој остави голем печат во играта на „соколите“ во минатата сезона. Карпош Соколи сезонава освен во двете домашни натпреварувања ќе играат и во Лигата на шампионие на ФИБА, каде што прв квалификациски противник им е естонски Калев.