• Сашо Поповски
Најдобриот шутер на денешницата, Стеф Кари, беше прва ѕвезда во екипата на Голден Стејт Вориорс во втората победа од НБА финалето над Кливленд Кавалирс. Тој постигна 33 поени, од кои девет тројки, осум асистенции и седум скока.
Гостите од Охајо беа немоќни со оглед на заморот кој беше очигледен кај Леброн Џејмс. Најдобриот кошаркар на Кливленд не беше на исто ниво како на воведниот натпревар на кој постигна 51 поен и вчера одигра солидно, но не и доволно за „брејк“. „Кралот“ ја предводеше својата екипа со 29 поени 13 асистенции и осум скока пред Кевин Лав кој го заврши мечот со 22 поени и десет скока.
Кај „воините“ се истакнаа уште Кевин Дурант со 26 и Клеј Томпсон со 20 поени. Голден Стејт е блиску до одбрана на титулата од минатата сезона и сега има предност од 2-0 во пресрет на преселбата на серијата во Кливленд.
Третиот натпревар ќе биде исклучително важен за Џејмс и неговите соиграчи кои со пораз би им ја препуштиле конечната победа на противникот. Третиот натпревар се игра четврток изутрина со почеток од 3.00 часот.

