Кари: Немаме многу убави спомени од мечевите против Србија и Југославија

Славниот американски плејмејкер, Стеф Кари, зборуваше со медиумите за настапот на репрезентацијата на Соединетите Американски Држави на Олимписките игри во Париз, и се осврна на дуелот со Србија, кој сигурно ќе привлече огромно внимание ширум светот. 

Кари е задоволен од ростерот на неговата селекција и најавува борба за златниот медал, но предупредува дека мечот со нашиот северен сосед нема да биде воопшто лесен и потсети каква историја имаат овие два тима. 

„Ова се многу важни натпревари. Секој меч е одлична прилика малку повеќе да научиме за себе, но и за противниците. Ќе се фокусираме и максимално ќе пристапиме во дуелот со Србија. Овие две селекции имаат богата историја во меѓусебните дуели, па затоа ништо не треба да земаме здраво за готово. 

Имаме само три недели за подготовки и мораме да ги искористиме максимално. Се надевам дека ќе ни се приклучат и оние што влечат ситни повреди. Одиме со силен тим и го напаѓаме златниот медал, време е да го вратиме таму каде што припаѓа. 

Немам пријатни спомени од мечевите со Србија. Во конкуренцијата до 19 години ги здробивме во групната фаза, но тие потоа не победија во мечот за златото. Тогашната Југославија ја совлада нашата селекција и на Светското првенство во Индијанаполис. Сега, ситуацијата е сосема поинаква и јас длабоко верувам дека можеме да ги победиме“, рече Кари. 

САД и Србија се во групата Ц на кошаркарскиот турнир во Париз, заедно со репрезентциите на Порторико и Јужен Судан. Дербито во групата е закажано за 28 јули, со почеток во 17:15 часот.