ВИДЕО: Кари не можеше сам, Лејкерси го добија спектаклот со Вориорси!

Кошаркарите на Лос Анџелес Лејкерс веднаш ја решија својата судбина во плеј-ин фазата во НБА лигата и во „Стејплс Центар“ ги победија Голден Стејт Вориорси со 103-100. Иако гостите од Сан Франциско играа одлично во напад, а го имаа и расположениот Стеф Кари, искуството на шампионот беше пресудно во клучните моменти. 

  • ЛА Лејкерс - Голден Стејт Вориорс:

Вориорси отворија одлично, поведоа со 15-4 по само неколку минути и изгледаше дека можат да му нанесат дебакл на ривалот. Сепак, Лејкерси ја „стопија“ негативата, се вратија и резултатски парираа. Нов налет екипата на Голден Стејт имаше пред полувремето кога поведе со највисоки +13.

Сепак, во вториот дел Вориорси имаа премногу технички грешки и загубени топки, а тоа го искористи искусниот ривал. Лејкерси првпат поведоа во последната четвртина, иако не успеаја да се одлепат, беа во подобра позиција пред финишот. Во трилер завршница, решавачката тројка беше дело на Леброн Џејмс, кој на неверојатен начин, во пад од десет метри погоди за предност. Во последната минута немаше поени и домаќинот се радува на плеј-оф, а ривал ќе му биде Феникс. 

Кари беше најдобар поединец во таборот на Вориорси со 37 поени, додека одлични „ол-араунд“ партии имаа Ентони Дејвис (25 поени, 12 скокови) и Леброн Џејмс (22 поени, 11 скокови, 10 асистенции), во триумфот на Лејкерси. 

Ниту по поразот, Голден Стејт не ги загуби шансите за место во доигрувањето. Тие ќе играат против Мемфис, кој во „долниот“ дел на костурот од плеј-инот го победи Сан Антонио со 100-96. Најпрецизен играч на оваа средба беше Брукс со 24 поени, ама Валанчиунас беше далеку најкорисен со 23 поени и исто толку скокови. 

  • Мемфис Гризлис - Сан Антонио Спарс: 

Голден Стејт и Мемфис ноќта во петок кон сабота ќе се борат за последното плеј-оф место, а подобриот ќе оди на мегдан со лидерот во регуларниот дел Филаделфија.