ВИДЕО: Кари го наполни кошот на Оклахома, Јокиќ не можеше сам против Бруклин

Еден од најдобрите кошаркари на денешницата Стеф Кари повторно блесна на американскиот паркет и одигра натпревар за паметење во НБА лигата. Одличниот плејмејкер беше неверојатен на натпреварот со Оклахома Сити Тандерс и со дури 49 поени беше најзаслужен за убедливата победа на Голден Стејт Вориорс од 136-97.

Поранешниот шампион уште од самиот старт тргна моќно и ефикасно и немилосрдно го полнеше противничкиот кош. На полувреме стигна до бројката од 73 коша и позитива од дури 25 поени, која во текот на последните две четвртини постепено се зголемуваше и на крај застана на 39 (136-97).

Кари покрај високата ефикасност (49) имаше и 5 скока и 2 асистенции, а одличен во таборот на Вориорси беше Вигинс со 18 поени. Кај поразената екипа прв стрелец беше Микхаилук со 17 поени. 

Еден од кандидатите за овосезонското МВП признание, Никола Јокиќ одново забележа одлична партија во дресот на Денвер Нагетс, но овој пат не можеше сам против супер-тимот на Бруклин кој на крај славеше со 119-125.

Српскиот центар натпреварот го заврши со 29 поени, 7 скока и 6 асистенции, додека кај второпласираната екипа во Источната конференција се истакнаа Дурант со 33 и Ирвинг со 31 поен.

На останатите натпревари Торонто загуби од Мемфис (99-109), Портланд го надигра Сан Антонио (124-102), а сигурна победа извојува и Јута над Хјустон (124-116).