• Иван Димовски

Кошаркарите на МЗТ Скопје убедливо го совладаа Куманово (81-64) во првиот меч од полуфиналната серија во Првата македонска лига. Натпреварот во СЦ „Јане Сандански“ во целост му припадна на шампионот кој го надигра гостинот. Главен инспиратор на победата беше капитенот Дамјан Стојановски кој блесна како во најдобрите денови и уфрли дури шест тројки од седум обиди.
- Комплетниот натпревар меѓу МЗТ Скопје и Куманово:
Што се однесува до средбата, МЗТ отвори перфектно и бргу поведе двоцифрено (12-2). Кумановци беа шокирани од стартот на фаворитот, а предноста достигна и високи 26-10 пред крајот на четвртината. Продолжија аеродромци со ист ритам, држејќи го гостинот далеку од себе резултатски. Во завршницата на полувремето момците на Васко Атанасов имаа одлични моменти, направија серија од 9-0 и на пауза се замина со 52-27.
Во вториот дел бранителот на тронот ја стекна и највисоката предност на натпреварот. МЗТ Скопје со добра серија стигна до највисоки 64-33. Сепак, потоа следуваше и благо опуштање на шампионот. Последната четвртина од мечот му припадна на Куманово кој ја доби со 9-17 и со тоа го ублажи поразот од фаворитот. Вториот меч од серијата се игра во вторник исто така во Скопје со почеток од 18:30 часот.
Дамјан Стојановски беше прво име во победата на „штрковите“ со 18 поени на своето конто. Тој погоди шест тројки и првпат промаши дури ви последната четвртина, а добра поддршка му беа Бојан Крстевски со 14 и Марин Петков со 12 поени. Во таборот на Куманово се истакна Лука Петровиќ со 15 поени зад своето име.