Капитенката стана рекордерка: Митрашиновиќ е најдобар поентер на Македонија!

Капитенката на кошаркарската селекција на Македонија, Анџелика Митрашиновиќ е нова рекордерка во националниот тим. Во поразот на Македонија од Грција (84-101) таа уфрли 23 поени со кои го надмина рекордот. 

Митрашиновиќ стигна до бројката од 419 поени, со што ја надмина Моника Гавриловска која досега беше лидер по бројот на поени во дресот на Македонија со 403. Откако стана рекордерка, капитенката беше скромна. 

„Не знам навистина што да кажам, што да додадам на оваа ваша констатација. Нормално дека ми е драго кога ќе го чујам тоа. Макар, еве досега, до овој момент не ни помислив, не сум ни размислувала за една ваква работа, … Сепак, тоа е еден огромен успех, на личен план. И да, не сум навикната да зборувам, лично за себе, подобро е другите да зборуваат, оценуваат, коментираат“, изјави Митрашиновиќ. 

Досега Анџелика Митрашиновиќ одигра 33 натпревари во дресот на Македонија, нејзината кариера ќе продолжи и во следните години, па рекордот и „летвичката“ ќе бидат поместени уште погоре.