• Саше Љолес

Аргентинскиот кошаркар и член на Црвена Звезда, Факундо Кампацо, најверојатно ќе замине од Белград и кариерата ќе ја продолжи како повратник во шпанскиот гигант, Реал Мадрид. Кралскиот клуб веќе извесно време преговараше со Кампацо и се чини дека работите се конечно договорени.
„Мундо Депортиво“ пишува дека Аргентинецот ги изгладил сите недоразбирања со управата на Реал и дека „паднал“ договорот околу неговиот долг кон клубот. Кампацо ангажирал нов агент кој имал директна средба со директорот на „кралевите“, Хуан Карлос Санчез и на состанокот биле договорени сите детали потребни за реализација на трансферот.
Кике Виљалобос е поранешен кошаркар на Реал, а сегашен агент на Кампацо, кој за неколку шпански медиуми изјави дека аргентинскиот кошаркар прифатил да игра за кралскиот клуб за помала плата и на тој начин ќе го подмири долгот од 133.000 евра, а по одбивањето на сите даноци и провизии, за кошаркарот ќе останат околу еден милион евра за следните две сезони. Потоа е можно продолжување на соработката за уште една сезона, во зависност од желбите и потребите на двете страни. Вкупната сума што Реал Мадрид би ја потрошил за Кампацо во следните две години изнесува нешто над 2,5 милиони евра.
Се шпекулира дека Монако и Анадолу Ефес му понудиле многу побогати договори на аргентинскиот плејмејкер, но тој сепак решил да се врати во Реал Мадрид, каде настапуваше во периодот меѓу 2014 и 2020 година.
Факундо Кампацо во својата кариера беше дел и од екипите на Пењарол, Црвена Звезда и Денвер Нагетс и Далас Маверикс од НБА-лигата.