Кампацо: НБА лигата е токсична за странците, никогаш не би се вратил таму!

Аргентинскиот кошаркар, Факундо Кампацо, даде интересна изјава за шпанските медиуми во која вели дека за ништо не би се вратил повторно во НБА лигата, каде во минатото мина скоро три сезони. 

Членот на Реал Мадрид вели дека играчите во НБА трпат сѐ повеќе критики и го нарече целосното опкружување како „токсично и очајно“, а воедно изрази и големо задоволство од неговиот престој во „кралскиот клуб“.

„НБА стана токсична и очајна. Играчите трпат критики какви што порано не се ни замислуваа. Секој сега има право на свој подкаст, свои емисии и сите мислат дека преку ноќ се станува експерт за кошарка. 

Ова особено важи за странците и оние што не се родени во Америка. Погледнете какви критики трпи Јокиќ од некои поранешни НБА легенди. Не ми е јасно како можат да го критикуваат убедливо најдобриот играч во лигата. Тие треба да му се восхитуваат, но не го сакаат само поради тоа што не е од нивната држава. 

За мене вратата во Соединетите Американски Држави е затворена. Тоа е моја лична одлука. Бев во НБА и видов „колку е часот“. Тоа натпреварување е шоу за публиката, а Евролигата нешто сосема друго. Тука се игра вистинска кошарка, со сите елементи на оваа прекрасна игра“, заклучи Кампацо. 

Аргентинскиот плејмејкер мина две сезони во Денвер Нагетс, а потоа беше дел и од Далас Маверикс. Минатата година играше за Црвена Звезда, а летово се пресели во Реал Мадрид, со кој има феноменален учинок од 11 победи и само еден пораз во Евролигата.