Кампацо ја сруши Барса во финишот, Реал со „метла“ до финале во Ендеса лигата

Кошаркарите на Реал Мадрид во тесен и неизвесен финиш славеа триумф над Барселона со конечни 92-95 во третиот натпревар од полуфиналната серија во шпанската Ендеса лига. 

„Кралевите“ со оваа победа ја „исчистија“ Барса и со максимални 3-0 патуваат во големото финале, а најзаслужен за овој резултат беше Аргентинецот Факундо Кампацо, кој постигна 21 поен, од кои четири во последните секунди од мечот. 

Домаќините имаа негатива од четири поени на паузата (45-49), а во вториот дел се обидоа со сите сили да дојдат до победата, но Реал го покажа своето искуство кога беше најпотребно и сосема заслужено ја заокружува серијата. 

Убедливо најдобар поединец на паркетот беше Џабари Паркер од Барселона со 27 постигнати поени, а Вили Хернангомез додаде уште седумнаесет поени и осум скокови.