Кампацо ја напушта Црвена Звезда и се сели кај европскиот шампион

Аргентинецот Факундо Кампацо дефинитивно ја напушта белградска Црвена Звезда и преминува во таборот на новиот европски шампион, Реал Мадрид. Одличниот плејмејкер пристигна кај „црвено-белите“ како огромно засилување и успеа да ја оправда дадената доверба, но сега доаѓа време за враќање во неговото старо „јато“. 

Кампацо ќе потпише тригодишен договор со Реал и ќе заработува околу 1,5 милиони евра по сезона, плус дополнителни бонуси кои може да се остварат во зависност од резултатите на тимот и индивидуалниот учинок на кошаркарот. Целокупниот бруто договор на Кампацо со Реал Мадрид ќе изнесува девет милиони евра за три години. Дел од овие пари играчот ќе ги предаде во касата на „кралевите“ како компензација за неговото заминување од клубот, кога во 2020 година токму од Реал премина кај Денвер Нагетс од НБА-лигата. 

Црвена Звезда сепак нема да успее да го задржи одличниот Аргентинец, иако клубот неколку пати најавуваше дека ќе му понуди нов богат договор. Кампацо вторпат ќе игра во Реал Мадрид, а претходно за „кралевите“ настпуваше во периодот меѓу 2014 и 2020 година. Мадридскиот тим добива одлично засилување во креацијата на играта и најавува уште еден атак на најсјајните одличја во европската кошарка и догодина.