Калиниќ ја „откачува“ Барселона и за голема плата се враќа во Србија?

Крилниот српски кошаркар, Никола Калиниќ, заминува од Барселона и најверојатно ќе потпише двегодишен договор со белградскиот гигант, Црвена Звезда. Оваа информација ја пренесоа шпанските медиуми кои велат дека Калиниќ добил богата понуда од Србија и голема е шансата да се врати во тимот каде настапуваше пред да пристигне во каталонскиот гигант. 

За неговите услуги постои огромен интерес од неколку евролигаши, но порталот „Енцестандо“ пишува дека Звезда се обидува да го примами Калиниќ со годишна плата од над еден милион евра. Србинот може адекватно да одговори на позициите „три“ и „четири“, а во кариерата претходно настапуваше за Фенербахче и Валенсија. 

Сезонава во Евролигата Калиниќ просечно бележи 8,5 поени, 3,9 скокови и 2,8 асистенции по натпревар, додека во шпанското првенство просекот му е нешто полош и изнесува 6,8 поени по меч.