• Горан Упале
Кошаркарите на Дубаи славеа против Партизан со 81-83 во четвртиот натпревар од финалната серија во АБА лигата и така испишаа историја и стигнаа до титулата во Јадранската лига.
Партизан многу лошо го отвори натпреварот и веќе по три минути губеше со 2-9. Гостите ја користеа секоја грешка на домашните, погодуваа од транзиција и на средината од првата четвртина водеа со 13-7. „Црно-белите“ потоа се разбудија, успеаја да ја намалат негативата, па дури и да поведат со 21-20, но Дубаи сепак по првите десет минути имаше минимална предност – 21-23.
На почетокот на втората четвртина тимот на Александар Секулиќ повторно подобро влезе во играта и стигна до 21-27. Партизан одговори преку Карлик Џонс и Дилан Осетковски, кои ги вратија домашните во егал (33-33), додека неколку судиски одлуки предизвикаа големо незадоволство кај публиката во Белград. На пауза Дубаи замина со минимално водство од 39-40.
Третата четвртина донесе големата борба. Дубаи ја чуваше предноста на стартот, но Партизан благодарение на поагресивна одбрана и лесни поени од транзиција успеа да направи пресврт на 48-45. Сепак, гостите повторно возвратија и поведоа со 52-54, а пред последните две минути од четвртината резултатот беше 59-59. Во завршницата Дубаи успеа да ја задржи минималната предност и во последните десет минути влезе со 59-60.
Драмата кулминираше во последната четвртина. По неспортска лична грешка и неколку спорни ситуации што предизвикаа бурни реакции од трибините, Дубаи поведе со 61-65. Во центарот на вниманието се најде поранешниот миленик на „гробари“, Алекса Аврамовиќ, кој беше мета на свирежи во текот на поголемиот дел од второто полувреме.
Партизан успеа да се врати во натпреварот и на три минути до крајот да се доближи на само поен разлика (72-73), по што следуваше вистинска трилер-завршница. „Црно-белите“ израмнија на влезот во последната минута (79-79), но гостите покажаа повеќе концентрација во клучните моменти.
Херој на натпреварот беше токму Аврамовиќ, кој во самата завршница реализираше две слободни фрлања за водство на Дубаи од 81-83. Партизан во последниот напад не успеа да пронајде пат до кошот, па гостите можеа да започнат големо славје.
Дубаи така ја освои првата АБА титула во историјата на клубот и стана еден од ретките тимови што стигнале до регионалниот трон уште во својата дебитантска сезона. Партизан, пак, остана без можност да ја одбрани шампионската титула.

