Како во Скопје пред десет години: Словенците останаа без медал, но беа пречекани како херои

Словенечката кошаркарска репрезентација не успеа да освои медал на Олимписките игри во Токио, но навивачите беа одушевени од играта на нивните миленици и во голем број се собраа на аеродромот во Љубљана за да ги поздрават по слетувањето во Словенија.

Словенија одигра фантастично на кошаркарскиот турнир и беше многу блиску до финале, но блокадата на Никола Батум ја испрати Франција да се бори за злато против Соединетите Американски Држави. Во натпреварот за бронза, селекцијата на Австралија беше подобра од Словенија, која на тој начин стигна до својот прв олимписки медал.

Голем број навивачи кои носеа словенечки обележја дојдоа да ги пречекаат Лука Дончиќ и останатите играчи на тимот на Александар Секулиќ.

„Најлошото е што не успеавме да победиме на последниот дуел. Навистина сакавме медал. По непроспиена ноќ, сфативме дека постигнавме голем успех на Олимписките Игри. Не е мала работа да се биде меѓу четирите најдобри репрезентации во светот“, рече Лука Дончиќ по слетувањето.

Словенија забележа четири победи во Токио, против Шпанија, Аргентина, Јапонија и Германија.

Овие фотографии од Љубљана нè навраќаат на 2011 година, кога македонските кошаркари исто така завршија на четвртото место на Европското првенство во Литванија, но во Скопје беа пречекани како вистински херои.