Јута тагува по својата легенда, почина Џери Слоан на 78-годишна возраст

Џери

Тажни вести доаѓаат од САД кои ја пренесуваат смртта на Џери Слоан, легендарниот тренер на екипата на Јута Џез.

Во 2016 година, тој беше дијагностициран со Паркинсова болест и по четири години ја загуби битката. Се работи за еден од најуспешните тренери во историјата на НБА лигата, кој е четврти по бројот на остварени победи меѓу колегите (1.221).

Заедно со Грег Попович се единствените тренери кои имаат над 1.000 победи со една екипа. Слоан се задржа во Солт Лејк Сити цели 23 сезони, но не успеа да освои ниту една титула.

Последен пат беше дел од лигата во сезоната 2010/11, кога и покрај инсистирањето на сопственикот на „џезерите“ замина во заслужена пензија. Во „Куќата на славните“ беше претставен пред 11 години, што беше награда за неговите достигнувања и придонес во најсилната лига во светот.

Роден беше во 1942 година, а како играч настапуваше за Балтимор и Чикаго, играјќи 11 сезони со просек од 14 поени и 7,4 скока по натпревар. Под негова палка се прославија легендарните Џон Стоктон и Карл Мелоун.