Јокиќ впиша „35-ка“ за Денвер, Јута со Марканен експлодира со 152 поени

Кошаркарите на Јута Џез одиграа неверојатно офанзивно издание и го совладаа тимот на Индијана Пејсерс со убедливи 152-128 во натпревар од НБА лигата. Главен творец на триумфот на „џезерите“ беше Лаури Марканен, кој одигра блескава партија и постигна 35 поени со шут од игра 13/19.

Покрај него, Бејли и Свјатослав Михајлук додадоа по 20 поени, потврдувајќи ја силната офанзивна форма на Јута. Кај гостите од Индијанаполис, кои имаа видливи проблеми во одбраната, најистакнати беа Паскал Сиакам со 27 поени и Ендрју Нембард со 25.

Во еден од најатрактивните дуели на вечерта, Оклахома Сити Тандер го совлада Голден Стејт Вориорс со 126-102, а натпреварот го одбележа совршениот настап на Чет Холмгрен. Играчот оствари 23 поени, 11 скокови и имаше шут 9/9, со што стана првиот играч во историјата на Оклахома кој забележал натпревар со повеќе од 20 поени и 10 скокови без ниту еден промашен шут. Најефикасен кај Тандерс беше Шеј Гилџес-Александер, кој повторно потврди зошто е меѓу најдобрите кошаркари во лигата, со 28 поени и 11 асистенции. Кај Вориорс, Џонатан Куминга постигна 13 поени, додека Стеф Кари имаше скромни 11.

Во „Медисон Сквер Гарден“, Њујорк Никс беа убедливи против Мемфис Гризлис со 132-120. Првото име на натпреварот беше Џејлен Брансон, кој запиша дабл-дабл од 32 поени и 10 асистенции. Микал Бриџис додаде 22, а Карл-Ентони Таунс постигна 21 поен и 13 скокови. Кај Мемфис, Алдама и Џексон беа најпродуктивни со по 19 поени, а Велс придонесе со 18.

Највозбудливиот натпревар на вечерта се одигра во Филаделфија, каде што Сиксерс по голема борба го совладаа Бостон Селтикс со 102-100. Победата ја обезбеди Кели Убре, кој по офанзивен скок ги постигна клучните поени во последните осум секунди. На спротивната страна, Немијаш Кета имаше шанса да израмни, но не успеа да погоди за продолжеток. Кај Бостон, Џејлен Браун беше најдобар со 24 поени, додека во редовите на Филаделфија блеснаа Ентони Едвардс со 22, Тариз Мекси со 21, и Грајмс со 18 поени.

Денвер Нагетс славеше на гостувањето кај Сакраменто Кингс со резултат 122-108, а ѕвездата на мечот беше Никола Јокиќ. Србинот заврши со 35 поени, 15 поени и седум скока, пред Џамал Мареј со 23 поени. На Сакраменто не му помогна добрата партија на Сабонис со 19 поени и осум скока.

Победа забележа и Торонто Репторс, кој славеше над Бруклин Нетс со резултат 119-109. Инграм постигна 25, а Квикли 24 поени, додека на спротивната страна, Портер заврши со 21 поен.