Јуниорките со пораз од Словачка ја завршија групната фаза на ЕП во Романија

Женската јуниорска репрезентација на Македонија го претрпе и четвртиот пораз на Европското првенство од Дивизијата Б за кошаркарки до 18 години, кое се одржува во романскиот град Тулчеа. Во последниот натпревар од групната фаза, нашата селекција беше поразена од Словачка со 80-65.

И покрај поразот, македонските јуниорки го одиграа своето најдобро прво полувреме на шампионатот. По израмнетите воведни десет минути, во кои Македонија имаше минимална предност од 22-21, избраничките на селекторот Виктор Петровски продолжија со добра игра и во втората четвртина.

Во неколку наврати имаа и четири поени предност, а на големиот одмор заминаа со минимално водство од 44-43. 

Во второто полувреме следуваше пад во играта на нашата репрезентација, што селекцијата на Словачка знаеше да го искористи. Противникот направи резултатски пресврт и по три четвртини водеше со 62-54, а во последниот период ја задржа контролата врз натпреварот и ја потврди победата со конечни 80-65.

Најефикасна во македонскиот состав беше Колева со 22 поени, четири скока и три асистенции. Трајковска натпреварот го заврши со 16 поени, три скока и две асистенции, додека Милосављевиќ постигна 10 поени, на кои додаде шест скока и две асистенции.

По завршувањето на групната фаза, Македонија го освои петтото место во групата. По слободниот ден, нашата репрезентација ќе ги продолжи настапите во разигрувањето за пласман од 17. до 20. место на Европското првенство во Тулчеа.