• Саше Љолес
Македонската јуниорска репрезентација ја совлада соодветната селекција на Белгија со конечни 82-71 и на тој начин остана во игра за опстанок во А дивизијата.
Ривалот беше за нијанса подобар во првата четвртина, но потоа Македонците успеаја да ја надополнат негативата и го презедоа водството во вториот период. На паузата имавме предност од седум поени (43-36), а до овој момент одличен беше Ѓорѓевиќ, кој реализираше 16 поени.
Во второто полувреме повторно бевме на висина на задачата, стигнавме и до „плус осум“, а потоа се одржувавме во постојана позитива. До крајот нашите надежи успеаја да го заокружат триумфот и ќе се борат за 13. позиција на првенството, која обезбедува опстанок во елитното друштво.
Ѓорѓевиќ го заврши мечот со 22 поени, седум асистенции и четири скокови, а уште седумнаесет поени додадoa Дарјан Димовски и Никола Јаничиќ.
Македонија утре ќе се соочи со Бугарија во мечот за тринаесеттата позиција.

