• Саше Љолес
МЗТ Скопје ќе има тешка задача во полуфиналниот реванш од АБА2 лигата, каде ќе мора да надополни негатива од пет поени на натпреварот против Спартак Суботица.
Аеродромци максимално мотивирано ќе отпатуваат кај ривалот и ќе се обидат да направат изненадување, а тренерот на српскиот тим, Владимир Јовановиќ, најавува дека неговите избраници мора да бидат внимателни и да не дозволат никакво опуштање во текот на мечот.
„Пред нас е еден исклучително тежок натпревар. Победивме во Скопје, но тоа не мора да значи ама баш ништо. МЗТ е многу искусна екипа и точно знае како се играат вакви дуели. Не смееме да се опуштиме во ниту еден момент, тоа им го предочив и на моите играчи.
Мислам дека во Скопје не го покажавме нашето најдобро лице, но и ривалот може да одигра уште подобро. Влогот го знаеме сите и ветувам дека со голема борба ќе се обидеме да се пласираме во големото финале“, изјави Јовановиќ.
Првиот натпревар во салата „Јане Сандански“ заврши со победа на Спартак од 73-78, но нашиот претставник сигурно нема да истрча на паркетот со бело знаме и ќе се обиде повторно да стигне до финалната серија во АБА2 лигата.