Јовановиќ: МЗТ Скопје може да победи и фаворити, но ние ќе покажеме дека сме во нагорна линија

Македонскиот кошаркарски шампион, МЗТ Скопје во својот дом ќе го дочека босански Игокеа со императив за победа, која ќе му донесе зголемување на шансите во трката за опстанок во АБА лигата.

Но, свои математики има и гостинот од Босна и Херцеговина. Тренерот Владимир Јовановиќ вели дека по победата во претходното коло атмосферата во тимот е позитивна и дека против МЗТ ќе покажат дека нивната форма е во нагорна линија.

„Aпсолутно сме свесни за ситуацијата и важноста на натпреварот во однос на пласманот. Тие се тим кој, особено на домашен терен, има квалитет. Очигледно е дека можат да ги победат фаворитите на хартија, како што тоа го направија против ФМП или Цедевита Олимпија. По смената на тренерот и доаѓањето на некои играчи, имаат поголема ширина и играат со поголема енергија и самодоверба.

Домашната публика ги поддржува, а кога ќе го погледнам сето тоа свесен сум дека ни следи голем предизвик и тежок натпревар. Сепак верувам дека по победата минатата недела која навистина ни требаше и по добрата работа на тренинзите, ќе играме добра кошарка и ќе покажеме дека сме на нагорна патека“, вели тренерот на Игокеа, Владимир Јовановиќ.

Босанскиот тим е на дванаесеттото место во АБА-лигата, додека МЗТ Скопје уште е на дното и затоа победата на оваа средба и тоа како му е потребна.