Јончевски тргна со триумф: Гостивар го надигра десеткуваниот МЗТ

Екипата на Гостивар имаше успешна шок-терапија и по тренерската смена на домашен терен славеше убедливо над МЗТ Скопје (65-51) во рамки на заостанат натпревар од седмото коло во Првата лига.

Гостиварчани предводени од новиот стратег Александар Јончевски ги искористија сите слабости на гостинот од престолнината и дојдоа до сигурен триумф со кој направија напредок на табелата. МЗТ беше десеткуван, без тренерот Дарко Радуловиќ, без капитенот Дамјан Стојановски (двајцата поради корона), а дел од играчите тукушто се вратија од повреди и не беа спремни за меч во целосен ритам.

Двете екипи беа во егал само во воведните десет минути кога на семафорот во „Младост“ стоеше 19-17, а потоа почна доминацијата на Гостивар. Во вториот квартал се постигнаа 20 поени, наспроти шест примени и на полувреме се имаше 39-23. Целата петорка на домашниот тим играше феноменално и беше шутерски расположена, а МЗТ немаше решение под обрачот каде одбраната на ривалот се покажа доста квалитетна.

Ниту паузата не им годеше на аеродромци, затоа што во третата четвртина дадоа само девет поени, па дебаклот на крајот беше сосема јасен. Најдобар кај победникот беше Вокер со 17 поени, пред Јанески и Димчевски кои имаа по десет, односно единаесет поени. Кај МЗТ, Крстевски финишира со 13, пред Николов со 10 поени.

За Гостивар ова беше единаесетта победа во новата сезона (11-9), додека МЗТ има 13 меча на контото и скор 8-5. Следниот дуел за аеродромци е на 9 април против Куманово, додека Гостивар ќе игра на 15/16 април против Работнички.