Јончевски: Се обидовме да ѝ парираме на Грузија, нè радува енергијата на младите

Кошаркарската репрезентација на Македонија загуби на гостувањето кај Грузија (91-70) во рамките на третото коло во квалификациите за Светското првенство. Со многу повредени играчи, млад тим и без селекторот Драган Бајиќ, момците во црвено се спротивставија на фаворитот. 

И покрај поразот, заменикот на Бајиќ, кој го водеше тимот денес, Александар Јончевски го изнесе своето задоволство за енергијата на тимот. 

„Сакам да им честитам на ривалите за победата. Имаат искусни кошаркари, се обидовме да ги сопреме најдобрите нивни кошаркари МекФаден и Шермандини кои преземаа најмногу шутеви. Имавме енергија низ натпреварот, ама имаше ситуации кога моравме да одиграме подобро.

Од друга страна, можам да кажам дека сме задоволни од енергијата, шест од овие играчи претходно немаа минути. Четворица првпат се во тимот. Кога ќе се согледаат проблемите со повреди, оние кои недостигаат и селекторот Бајиќ, енергијата беше добра и задоволни сме“, изјави Јончевски.

Време за одмор нема, Македонија ќе се врати во Скопје и веднаш ќе се подготвува за дуелот в недела во СЦ „Борис Трајковски“ против истиот противник.