Јончевски: Се надевам дека комплетни ќе го дочекаме стартот на квалификациите

Македонија во група со Литванија, Полска и Естонија, тоа е исходот на денешната ждрепка во Минхен со која беа одредени осумте натпреварувачки групи преку кои ќе се стигне до 24. најдобри, и кои ќе бидат учесници на наредниор Евробаскет во 2025 година.

Предводникот на „црвено-жолтите“, Александар Јончевски по ждрепката рече: 

„Реално не бевме многу оптоварени со ждрепката и кои репрезентации ќе ни бидат противници. Откако ги видовме групите, јасно ни беше дека ќе бидеме со три подоброрангирани репрезентации и дека шансите ќе ги бараме против следната подобро рангирана, во овој случај Естонија. Системот каде една репрезентација е веќе домаќин, и го има обезбедено учеството во завршниот дел е тотално непопуларен. Таква беше ситуацијата и во претходните квалификаци, па ни е добро позната. И верувам дека тоа овој пат ќе го искористиме во наша полза“.

Околу противниците, селекторот детално се изрази и ги анализираше нивните силни страни

„Естонија ни е должник од тогаш, а секако ќе ги измериме силите и на претстојниот турнир во Талин каде што ќе бидат домаќини.

Литванија е секако главен фаворит, а и Полска која беше четвртта на последното Европско првенство, и згора на тоа имаат и одлична генерација. Единствено на кое се надеваме е да се појавиме во комплетен состав на сите ФИБА ‘прозори’ кои претстојат низ квалификациите, каде секој натпревар би бил одлучувачки“, рече Јончевски по дознавањето на имињата на ривалите во наредниот квалификациски циклус.

Наскоро се очекува и календарот за квалификациите кои почнуваат во февруари 2024 година.