Јончевски: Играчите одговорија на задачите, сите дадоа свој максимум

Кошаркарската репрезентација на Македонија одигра перфектен натпревар во Осло и ја декласира Норвешка со 41-79, за обезбедување на првото место во претквалификациската група за Евробаскетот. 

По триумфот, анализа на натпреварот даде селекторот Александар Јончевски кој детално се осврна на виденото. 

„Морам да напоменам дека нашиот состанок пред овој меч почна додека Данска водеше со шест поени. Но реков дека тоа нас воопшто нас не нè интересира, дека сакаме самите да си ја завршиме работата. Сакавме да ја повториме онаа наша добраа игра против Норвешка во Гевгелија. Никако не бевме обесхрабрени по неуспехот пред некоја вечер во Левице. Пред сè, затоа што сепак и против Словачка имавме добра игра, игравме со доста енергија во нападот, креиравме доста отворени шутеви, кои за жал не ги погодивме. Од друга страна, тие погодија доста потешки обиди за три поени, и затоа победија. Затоа пак мотивацијата на сите нас овде во Осло беше на ниво, без оглед на тоа што притисокот дополнително се зголеми со драматичната победа на Словачка во Данска. Секако, одговоривме на поставените задачи, посебно во одбрана, би се рекло, и скоро идентично, повторено издание како пред некој месец во Гевгелија. 

Практично од првата топка отворивме одлично, а потоа полека како поминуваше времето, само ја зголемувавме не само разликата, туку многу повеќе ја билдавме самодвербата, а со тоа полесно го донесовме натпреварот до самиот крај“, анализира Јончевски. 

Покрај тоа, предводникот на нашиот национален тим им честита на своите кошаркари за исполнетата цел. 

„Сакам да им упатам честитки на сите играчи кои дојдоа, кои влегоа во игра, и го дадоа својот максимум, што дадоа си од себе, играа на високо ниво без оглед на водството од 30 поени, одигравме до последна секунда. Не двоиме некој, без оглед кој колку играше, одигра баш професионално, и честитки до нив, и до целиот стручен штаб, кој имаше одличен скаутинг и за овој меч, одлучувачки во секој поглед“, заврши селекторот.  

Македонија оди во главната квалификациска фаза, а со обезбедувањето на првото место ги скокна дополнителните претквалификации.