• Саше Љолес
Селекторот на македонската кошаркарска репрезентација, Александар Јончевски, изјави дека е незадоволен од конечниот резултат на натпреварот против Литванија и рече дека неговите избраници не заслужиле толку висок пораз.
Македонија одигра солиден меч против фаворизираниот противник, но Јончевски смета дека конечниот резултат не ја отсликува реалната ситуација на теренот.
„Дадовме сѐ од себе, покажавме карактер, начинот на кој игравме три четвртини ме направи горд на мојот тим. Иако овој натпревар заврши со поголема разлика од претходниот, покажавме поквалитетна игра, пожртвуваност, одговоривме на нивниот притисок и три четвртини одлично им париравме.
Беше тоа машка борба. Она што можам да го заклучам од двата меча е дека ни фали игра под кошевите, ни фалат тие ситуации кога треба да го затвориме рекетот и да ги собереме сите промашени шутеви, но и со офанзивен скок да нападнеме, да стигнеме до поени од втора шанса.
Денеска имавме вкупно три скока од високите играчи, што е катастрофално за еден ваков натпревар. Го реков тоа претходно и стојам зад моите зборови дека во овој наш тим има голем талент.
Би сакал да потенцирам, тоа се однесува само на овие состави на Македонија и Литванија, јас многу ја почитувам литванската репрезентација и кога би биле комплетни, нивниот талент не би се споредувал со нашиот. Она што го реков беше за овие две селекции кои играа во моментов и сѐ уште го мислам тоа“, изјави Јончевски.
Македонија го впиша и третиот пораз во квалификациите за следниот Евробаскет и сега останува само со теоретски шанси за пласман на континенталниот собир.


