Јончевски: Димитријевиќ и Шортс се топ-тандем, се надевам на успех

Селекторот на Македонија, Александар Јончевски, е пред последните два предизвика во квалификациите за Европското првенство (ЕП). Мора да се победат Естонија на гости и Полска дома, воедно да се очекува и услуга од Литванија, за да се патува на континенталниот собир.

На првиот собир, Јончевски ги имаше на располагање Ненад Димитријевиќ и Ти-Џеј Шортс од Евролигата. Како увертира, тој даде коментар за она кое ни следи.

„Во моментов размислуваме само на Естонија и на натпреварот кој мора да го добиеме за да одиме понатака, а за Полска ќе се подготвуваме по Естонија. Имаме мотив, имаме желба, составот можеби не е во најпосакуван изглед по моментов. Имаме среќа што Ненад Димитријевиќ е со нас, тука го имаме и Ти-Џеј Шортс. Се надевам дека како тандем ќе функционираат беспрекорно и ќе дојдеме до победа. Со Јакимовски сум во контакт, имавме позитивни одговори од Колорадо затоа што имаа минимални шанси да се квалификуваат понатаму. Но, пред скоро добивме порака дека тимот има шанси да оди понатаму. Се надевам дека ќе се појави тој во Талин и ќе го имаме на располагање. За разлика од претходниот циклус, го имаме Теодор Симиќ, кој се надевам дека ќе помогне за игра под кошевите, најголемиот проблем кој го имавме претходно со такви физички репрезентации. Тука гледам наша шанса и за некоја брза игра, да ги бркаме тие пет поени негатива во Талин““, изјави Јончевски.

Македонија е во напад на Европско првенство за првпат по една деценија. Последен пат меѓу европскиот крем бевме во 2015 година на ЕП во Хрватска.