ВИДЕО: Јокиќ со моќен трипл-дабл го „сруши“ шампионот, Дончиќ броеше до 44!

Балканците Никола Јокиќ и Лука Дончиќ продолжуваат со фантастичните партии во НБА лигата. Српскиот центар кој оваа сезона сруши неколку неверојатни рекорди ноќва повторно блескаше на американскиот паркет и тоа против актуелниот шампион Лос Анџелес Лејкерс.

Јокиќ, иако пред себе го имаше еден од најдобрите центри, Ентони Дејвис, одигра моќен натпревар и со „трипл-дабл“ ѝ донесе победа на својата екипа од убедливи 122-105. Натпреварот го заврши со 23 поени, 16 скока и 10 асистенции, а поефикасен од него беше само Мареј со 25 поени. Кај Лејкерси се истакна Џејмс со 22 поени, 10 скока и 9 асистенции, додека Дејвис застана на 15 поени.

Одличен натпревар одигра и Лука Дончиќ. Словенечкиот плејмејкер за нешто помалку од три четвртини игра броеше до 44 поени, но неговиот Далас Маверикс по четирите победи во низа го запиша 15-от овосезонски пораз. Победа над тимот од Тексас извојува Портланд, кој на погонот на Лилард (34) славеше со сигурни 118-121.

Сигурна победа извојува и Лос Анџелес Клиперс, кој над Кливленд славеше со 128-111, додека Сан Антонио Спарс го среди Шарлот со 110-122.