ВИДЕО: Јокиќ со „дабл-дабл“ во новата победа на Денвер, Зубац рекордно за Лејкерси

Кошаркарите на Денвер Нагетс брзо го заборавија поразот од Голден Стејт и славеа убедлива победа против Чикаго Булс со 135-105. Булси беа конкурентни само во првата четвртина, која ја добија со 28-30, а во продолжение доминираа домаќините и на крајот сосема заслужено ја запишаа 30-тата победа оваа сезона.

Повторно еден од најзаслужните за новиот триумф беше Никола Јокиќ со „дабл-дабл“ учинок (18 поени и 11 асистенции), додека најефикасен беше Мареј со 25 поени. Кај Булси, а воедно и на мечот, најефикасен беше Марканен со 27 поени.

Лос Анџелес Лејкерс славеше гостинска победа против Оклахома Сити Тандер по продолжение со 128-138, а свој личен рекорд на кариерата постави Хрватот Ивица Зубац. 21-годишниот Хрват за Лејкерси запиша 26 поени, а имаше и 12 скока и беше еден од најзаслужните за големата победа. Најефикасен кај победничкиот тим беше Кајл Кузма со 32 поени, додека кај „громовите“ Пол Џорџ запиша 27 поени, а Расел Вестбрук мечот го заврши со 26.

Во останатите натпревари, Шарлот Хорнетс го совлада Сакраменто Кингс со 114-95, Индијана Пејсерс на домашен терен беше поразена од Филаделдија 76ерс со 96-120, а Торонто Репторс славеше минимална победа против Феникс Санс со 111-109.