Јокиќ сака нов предизвик во кариерата, се отвора ли можност за премин во Лос Анџелес?

Дел од американските спортски медиуми пренесуваат дека Никола Јокиќ е незадоволен од случувањата во таборот на Денвер Нагетс и најавуваат дека Србинот наскоро би можел да замине од тимот каде стана најдобар светски кошаркар. 

Засега нема ништо ново околу шпекулациите за негов евентуален премин во Лос Анџелес Лејкерс, но според неколку познати новинари, Јокиќ има желба да се бори за шампионската титула, но смета дека актуелниот ростер на Денвер не е способен за такво нешто. 

Иако управата донесе неколку засилувања за новата сезона, се претпоставува дека Јокиќ е веќе презаситен од настапите за Денвер и посакува нов предизвик во кариерата. 

Ваквата ситуација отвора можност за повеќе НБА франшизи кои сигурно би се „истепале“ за да го доведат во своите редови. Се споменуваше спектакуларен трејд во Лејкерс, каде би се обединил со Словенецот Лука Дончиќ, но дали тоа е изводливо во текот на оваа година, навистина е тешко да се каже. 

Јокиќ важи за најдобар играч во лигата и најдобар кошаркар на планетата. Минатата сезона просечно бележеше 29 поени, 12,8 скокови и 9,9 асистенции по натпревар. 

ФОТО/PHOTO: Nba.com