• Мартин Танасковски
Денвер Нагетс со победа од 128-118 над Сан Антонио Спарс го завршија регуларниот дел од сезоната во НБА, продолжувајќи ја одличната серија и обезбедувајќи го третото место во Западната конференција. Тимот од Колорадо стигна до 12-та победа по ред, а централна фигура повторно беше Никола Јокиќ, кој и покрај проблемите со повреда, одигра доволно за да остане во трката за МВП признанието.
Јокиќ на теренот помина 18 минути и 15 секунди, постигнувајќи 23 поени со висок процент на реализација, на кои додаде осум скока и една блокада. Ова беше негов 65-ти настап сезонава – минималниот услов за да биде во конкуренција за наградата за најкорисен играч.
Покрај него, дури шест играчи на Денвер имаа двоцифрен број поени. Џулијан Стротер беше најефикасен со 25 поени, Јонас Валанчјунас запиша дабл-дабл со 16 поени и 11 скокови, додека Дејвид Роди додаде 15 поени и 13 скокови.
Кај поразениот тим, најрасположен беше Деарон Фокс со 24 поени, шест скока и пет асистенции. Со ваква форма, Денвер влегува со големи амбиции во плејофот, а Јокиќ останува еден од главните фаворити за индивидуалните признанија оваа сезона.






