• Горан Упале
Кошаркарите на Денвер Нагетс ја запишаа првата домашна победа сезонава во НБА лигата, а одново најзаслужен за тоа беше српскиот репрезентативец Никола Јокиќ. Нагетски пред својата публика славеа над Јута Џез со 129-103.
Центарот на Нагетси и актуелен носител на МВП титулата постигна 27 поени и имаше 16 скока, од кои 11 во својот рекет, а беше на само една асистенција до остварување на нов „трипл-дабл“ во сезоната.
Најголема поддршка за Никола Јокиќ имаше Мајкл Портер Јуниор, кој натпреварот го заврши со 20 поени, додека трет најефикасен беше Џулијан Стротер со 19 поени. Во поразениот тим најдобар учинок имаше Вокер Кеслер со 18 поени, пред Џони Јузанг со 17 и Кеонте Џорџ со 16 поени.
Возбудлив натпревар се одигра и во „Тојота Центарот“ во Хјустон, каде домашните кошаркари по продолжението загубија од Голден Стејт Вориорс – 121-127 (119-119).
Во отсуство на повредениот Кари, во таборот на Вориорси се истакна Хилд со 27 поени, додека за домашниот тим најпрецизен беше Тари Ејсон исто така со 27 поени.
Во останатите натпревари во НБА, Шарлот загуби од Бостон со 103-113, Филаделфија беше немоќна во соочувањето со Мемфис со 107-124, додека Торонто со 131-128 славеше над Сакраменто.