Јокиќ: Никој не веруваше дека ќе бидеме тука, и против Лејкерси ќе се забавуваме

Никола Јокиќ

Никола Јокиќ и неговиот Денвер Нагетс направија чудесен пресврт и од 1-3 во дуелот со фаворизираниот Лос Анџелес Клиперс се изборија за конференциско финале на Западот.

Српскиот центар покажа зошто е еден од најдобрите играчи во НБА лигата и го заврши мечот со „трипл-дабл“ учинок. Тој оствари 16 поени, 12 асистенции и собра дури 22 скока. Во текот на цел натпревар беше нерешлива енигма за одбраната на „клиповите“, што беше случајот и на претходните три дуели.

По мечот 25-годишниот кошаркар од Сомбор ги пофали соиграчите и тимот кој остави историска трага во најсилната кошаркарска лига на светот.

„Пред натпреварот, мислев дека сите ќе го запомнат овој тим, без оглед што ќе направиме на седмиот дуел. За некои играчи, ова е последна година со нас и ова е посебен тим. Се боревме до крај и победивме. Никој не мислеше дека ќе дојдеме тука, никој не веруваше дека ќе победиме. Никој не сакаше да нè види тука. На сите им докажавме кои сме и што можеме. Следни се Лејкерси, уште еден тежок противник, ќе играме и ќе се забавуваме“ , изјави Србинот.

Втора серија во низа, Нагетси ја добиваат со победа во седмиот натпревар. Тоа не се случило никогаш во историјата на НБА лигата. Сега ќе мора да се соочат со уште еден гигант од ЛА, предводен од Леброн Џејмс и Ентони Дејвис.