• Саше Љолес
Поранешниот кошаркар на Денвер, Остин Риверс, изјави дека не очекува Никола Јокиќ да игра уште многу сезони во НБА лигата и смета дека Србинот ќе потпише само уште еден договор со неговиот тим.
Остин Риверс е син на легендарниот тренер, Док Риверс, и гостуваше во еден подкаст, каде отворено зборуваше за ситуацијата во НБА, но се осврна и на „џокерот“ кој стигна до шампионската титула минатата сезона.
„Мислам дека нема шанси Јокиќ да игра во НБА уште долго. Тој сега има 29 години и мислам дека ќе потпиште само уште еден договор со Денвер. Според она што го гледам и слушам, тој ќе замине од САД кога ќе има 34 или 35 години. Јокиќ ја заврши својата работа. Стана шампион и двапати беше МВП на лигата.
Погледнете и самите, тој едвај чека да заврши сезоната и да се врати во Србија. Ја користи секоја слободна прилика да отиде дома, кај неговите коњи. По еден пораз од Голден Стејт, зедов два дена одмор, а кога се вратив, прашав каде е Јокиќ. Ми рекоа дека заминал дома веднаш по натпреварот и дека ќе се врати за неколку дена. Еден ден едноставно ќе го снема и ќе заврши неговата богата етапа во НБА лигата“, изјави Риверс.
Остин Риверс и Никола Јокиќ играа заедно во Денвер Нагетс во сезоната 2021/2022. Српскиот кошаркар се смета за најдобар играч во НБА лигата и во новата сезона повторно ќе биде прв кандидат за престижното МВП признание.