Јокиќ: Не знам дали ќе бидам добар како претходно откако ослабев

Српскиот центар од Денвер Нагетс, Никола Јокиќ го победи коронавирусот и отпатува кон Орландо каде се приклучи на соиграчите за завршницата во НБА лигата. 

Кошаркарот кој се врати во Србија минатиот месец беше тестиран позитивен на ковид-19, а во разговор со „ЕСПН“ ги изнесе своите искуства со вирусот. 

„Јас бев добар и се чувствувам нормално. Кога ми кажаа дека сум позитивен се изненадив бидејќи немав проблеми, дури и тренирав“, започна Јокиќ. 

Откако задоцни на првиот собир на Денвер, центарот отпатува за Соединетите Американски Држави каде сега се врати на тренинзите. Тој се пошегува на своја сметка и изјави дека не знае како ќе игра по загубените килограми. 

„Минатата година кажав дека сакам да играм со тежина од 130 килограми за да парирам добро, но тоа беше шега. Сега кога драстично ослабев не знам што ќе правам. Можеби нема да бидам така добар како претходно“, се пошегува Србинот. 

Јокиќ е важна алка во тимот предводен од Мајкл Мелоун, па враќањето на српскиот центар со сигурност ќе биде од помош на Нагетси во завршницата.