• Горан Упале

Ноќва, во „Бол Арена“ во Денвер се одигра еден од најочекуваните натпревари во НБА сезонава. Домашните Нагетс го совладаа Милвоки Бакс со убедливи 129-106, во дуелот меѓу најдобропласираните екипи од Западната и Источната конференција.
Српскиот центар Никола Јокиќ по којзнае кој пат ја истакна најсериозната кандидатура за наградата МВП на крајот од регуларниот дел од сезоната. Првиот ас на Денвер натпреварот го заврши со 31 поен, 6 скока и 11 асистенции.
Избраниците на Мајк Мелоун се чини дека успешно ја надминаа кризата во која западнаа кон средината на март, а ова им беше четврти триумф во последните пет натпревари. Така тимот од Колорадо се зацврсти на првото место на табелата во Западната конференција со скор 50-24, а зад него е Мемфис Гризлис со 46-27. Што се однесува до Милвоки, грчкиот ас Јанис запиша 31 поен, девет скока и четири асистенции, додека Мидлтон, Лопез и Ален додадоа по 13 поени.
Ноќва се одигра уште едно дерби, на кое тимот на Филаделфија гостуваше кај Санси во Феникс, а домаќинот убедливо победи со 125-106, иако сè уште не може да смета на повредениот Кевин Дурант.
Санси до победата ги предводеше Девин Букер со 29 поени, а на паркерот се истакна и малку заборавениот центар од Конго, Бисмек Бижомбо со 17 поени и 13 скока. Кај поразениот тим блескаше Тајрис Макси со 37 поени, а Џоел Ембид постигна 28 поени.
Во Саут Бич, Бруклин Нетс ја прекина серијата од пет порази и славеше над Мајами Хит со убедливи 129-100.
Во тимот на Жак Вон се истакна Микел Бриџис со 27 поени, а избраниците на Ерик Споелстра продолжуваат со бледите изданија. Овој пат Тајлер Хиро и Макс Струс постигнаа по 23 поени.