• Саше Љолес
Првата ѕвезда на Денвер Нагетс, Никола Јокиќ, беше крајно незадоволен од изданието на неговиот тим во третиот натпревар од плеј-оф серијата со Лос Анџелес Клиперс, а тоа го потврди и на прес-конференцијата после убедливиот пораз со резултат 117-83.
Клиперси потполно го „размонтираа“ Денвер, па и покрај одличното индивидуално издание, Јокиќ изрази загриженост за пристапот кон мечот и за следните предизвици во плеј-офот.
„Не знам што се случи. Се трудам да играм најдобро што можам. Промашивме многу отворени шутеви, а во одредени моменти се плашевме да преземеме иницијатива. Мора да шутираме повеќе, без оглед дали топката ќе влезе во обрачот или не.
Харден имаше една мини-серија од две постигнати тројки во првата четвртина. Потоа Џамал (Мареј) имаше промашување и ја загуби топката. Не обвинувам никого, но мислам дека уште во тие моменти почнавме да паѓаме во концентрацијата. Клиперс влезе во одлична серија на која ние едноставно немавме одговор.
Мора сите да играме подобро и да се бориме за секоја топка. Четвртиот меч може да биде пресуден во оваа серија. Нема да се откажеме, ќе нападнеме и мораме да победиме. Клиперс имаат многу искусен тим, не смееме да го заборавиме тоа“, изјави Јокиќ.
Лос Анџелес Клиперс поведоа со 2-1 во четвртфиналната плеј-оф серија од НБА лигата, а четвртиот натпревар против Денвер Нагетс ќе се одигра на 27 април.