Јокиќ ја доби МВП наградата: Би сакал родителите и сопругата да се тука

Никола Јокиќ има сезона за паметење во НБА лигата. Српскиот центар блескаше на американскиот паркет во текот на регуларниот дел од сезоната, а благодарение на неговите фантастични партии и рекорди заслужено се здоби со признанието најкорисен играч во НБА лигата.

Јокиќ престижната награда ја доби синоќа, пред третиот натпревар на Денвер Нагест против Феникс Санс, во рамки од втората рунда од плеј-офот на американскиот кошаркарски шампионат.

„Oва е посебен момент. Уживам, но ќе беше уште подобро ако мојата сопруга беше тука, како и моите родители. Мило ми е што моите соиграчи се со мене, бидејќи како што реков претходно, ова е моја награда, но ја добив заради сите нив. Затоа морам да им се заблагодарам нив, како и на моето семејство, тренерите, играчите, медицинскиот персонал, сопствениците и сите во клубот“, рече Јокиќ.

Јокиќ повторно одигра брилијантно и на дуелот со Санси забележа нов трипл-дабл учинок со 32 поени, 20 скока и 10 асистенции, но неговиот тим пак загуби и е сè подалеку од полуфинале во Западната конференција на НБА лигата.