• Горан Упале
Koшаркарите на Денвер Нагетс во големото финале на НБА лигата го добија вториот натпревар по ред против Мајами Хит на гостински терен и со победата од 95-108 сега се на триумф до првата титула во историјата на франшизата, бидејќи водат во серијата со 3-1.
Одново историска ноќ имаше српскиот ас Никола Јокиќ, кој продолжува да ги поместува границите во НБА лигата и постави нов рекорд. Но, овој пат центарот доби голема поддршка од Гордон, па на Мајами му немаше спас на овој дуел.
Двете екипи нервозно го започнаа натпреварот. Имаше многу грешки на двете страни и многу промашени отворени шутеви. Во еден момент Никола Јокиќ имаше мала незгода кога го повреди зглобот при еден дуел со Робинсон, но тој продолжи да игра и испиша историја.
Ланскиот МВП, натпреварот го заврши со 23 поени, 12 скока, четири асистенции, три блокади и две украдени топки за 37 минути на паркетот. Со тоа српскиот кошаркар стана првиот во историјата на НБА лигата со учинок од 500+ поени, 250+ скокови и 150+ асистенции во плеј-оф.
Покрај Јокиќ, блескаше Арон Гордон со 27 поени и по шест скока и асистенции, додека јунакот од последниот дуел, Брус Браун мечот го заврши со 21 поен. Мареј постигна 15 поени со 12 асистенции. Кај Мајами, Батлер постигна 25 поени со по седум скока и асистенции, а Бем Адебајо стигна до 20 поени.
Петтиот натпревар, во кој Нагетси можат да стигнат до прстенот, се игра ноќта помеѓу понеделник и вторник во 02:30 часот.