Јокиќ: Имам една идеја... да останам во Денвер до крајот на кариерата

Српската кошаркарска ѕвезда Никола Јокиќ порача дека неговата желба е да ја заврши кариерата во дресот на Денвер Нагетс, но истовремено откри дека нема намера да го продолжи договорот со клубот во текот на ова лето.

Трикратниот најкорисен играч во НБА ја изнесе својата позиција по победата на Србија над Босна и Херцеговина со 94-81 во квалификациите за Светското првенство, натпревар на кој забележа трипл-дабл учинок од 20 поени, 10 скока и 11 асистенции.

„Мојата идеја е да потпишам нов договор следното лето и да останам во Денвер до крајот на кариерата. Тоа е мојата желба. Сакам целиот мој професионален пат да биде поврзан со Денвер“, изјави Јокиќ.

Според американските медиуми, српскиот центар во летото 2027 година ќе има право да потпише нов петгодишен договор вреден околу 359,5 милиони долари, што би претставувало највреден договор во историјата на НБА. Токму затоа се очекува Јокиќ да почека уште една година пред да стави потпис на нова соработка.

Зад него е уште една импресивна сезона во најсилната кошаркарска лига во светот. Во дресот на Денвер Нагетс, Јокиќ просечно бележеше 27,7 поени, 12,9 скока и 10,7 асистенции по натпревар, повторно потврдувајќи дека е еден од најдоминантните кошаркари во лигата.

Иако заврши како втор во изборот за најкорисен играч зад Шеј Гилџес-Александер, Јокиќ веќе трипати ја има освоено престижната МВП награда во 2021, 2022 и 2024 година. Со Денвер ја освои шампионската титула во НБА во 2023 година, а и покрај тоа што Нагетс ја завршија минатата сезона на третото место во Западната конференција, беа елиминирани уште во првото коло од плејофот од Минесота Тимбервулвс.