• Горан Упале

Српската кошаркарска селекција ѝ сервираше одмазда на Германија во малото финале на Летните Олимписки Игри во Париз и со победата од 83-93 се закити со бронзениот медал. Само пред една година, во финалето на Мундобаскетот во Манила, Србија без Никола Јокиќ загуби од германскиот состав и остана без светска титула,
Неполна година по нивната жестока битка во финалето на Светското првенство во Манила, кошаркарските репрезентации на Србија и Германија повторно истрчаа на големата кошаркарска сцена, а овој пат влогот беше бронзениот медал од олимпискиот турнир во Париз. Тогаш „панцерите“ имаа посмирена рака и повеќе спортска среќа, а денес, и покрај исцрпувачкото полуфинале против моќните Американци, „орлите“ на Светислав Пешиќ одиграа нов брилијантен натпревар и заслужено се закитија со олимписко одличје.
Србите уште од самиот почеток го најавија тоа. Јокиќ и Богдановиќ одново беа во улоги на лидери во српскиот состав и тоа им донесе сигурни плус девет по првите десет минути. Но, покрај сигурната игра Пешиќ се соочи со мал проблем, откако на повреда се пожали капитенот. Асот на Атланта го повреди лактот на десната шутерска рака и побара промена, па веднаш доби помош од лекарскиот тим. Сепак, 31-годишниот ас собра сили и се врати на паркетот да им помогне на своите соиграчи.
Во втората четвртина, Германците конечно најдоа решение за противничкиот напад и на паркетот се водеше вистинска кошаркарска битка, но тоа не донесе ништо ново на резултатски план. На полувреме се замина со 38-46, а на стартот од третата четвртина следуваше нов блесок на српските кошаркари. Алекса Аврамовиќ го намести нишанот, постигна три тројки во низа и Србија се искачи на убедливи 19 поени предност (45-64). Светскиот првак, сепак, не се предаде и успеа да намали на подносливи девет поени негатива, но Србија не дозволи исто сценарио како во полуфиналето со Соединетите Американски Држави.
Четата, предводена од неверојатниот Никола Јокиќ, кој одново потврди зошто е најдобриот кошаркар на денешницата, не дозволи пад како против „дрим-тимот“, го сочува водството и заслужено го освои бронзениот медал.
Јокиќ со нов „трипл-дабл“ (19 поени, 12 скока и 11 асистенции) и Мициќ со 19 поени беа најдобри кај Србија, додека за Германија се истакна Франц Вагнер со 18 поени. Големото финале меѓу Франција и Соединетите Американски Држави се игра вечерва од 21:30 часот.