• Мартин Танасковски
Кошаркарот на Денвер Нагетс, Никола Јокиќ ја задржа првата позиција во најновиот пресек на трката за наградата за најкорисен играч (МВП) во НБА лигата. Центарот и натаму важи за главен фаворит за признанието што му се доделува на најдобриот играч во регуларниот дел од сезоната, иако конкуренцијата од недела во недела станува сè посилна.
Според НБА, овогодишната МВП-трка јасно се подели во две групи, а на самиот врв се издвојува триото составено од Јокиќ, Шеј Гилџес-Александер и Лука Дончиќ. Репрезентативецот на Србија оваа сезона бележи импресивен просек од 29,5 поени, 12,3 скока и 10,9 асистенции по натпревар, што го држи на чело на листата и во трка по својот четврти МВП трофеј во кариерата.
Иако во системот на Денвер не инсистира секогаш да биде прва поентерска опција, Јокиќ минатата недела против Атланта постигна 40 поени, а особено се истакнува со извонредната ефикасност, шут од дури 61,2 отсто од игра.
На втората позиција и понатаму е кошаркарот на Оклахома, Шеј Гилџес-Александер, минатогодишниот освојувач на МВП наградата, кој со просек од 32,8 поени ги предводи „молњите“. Веднаш зад него се наоѓа Лука Дончиќ, кој сезонава бележи 35 поени, девет скока и девет асистенции по натпревар, но како слабост му се наведува нешто послабиот процент на шут за три поени, кој изнесува 33 отсто.
Поради повредите на Јанис Адетокумбо и Виктор Вембањама, дојде до промени во долниот дел од листата. Четвртата позиција ја задржа Кејд Канингем, кој игра сезона од соништата во дресот на Детроит Пистонс, додека меѓу првите пет за првпат оваа сезона се најде Џејлен Браун од Бостон Селтикс.






