Јокиќ: Дивац и Петровиќ ги отворија вратите во НБА за европските кошаркари

Кошаркарите на Денвер Нагетс поведоа со 1-0 во финалната серија од НБА-лигата, откако славеа победа со 104-93. Најдобар поединец на теренот беше Србинот Никола Јокиќ кој по мечот разговараше со легендите на лигата во емисијата „Inside the NBA“. 

Шекил О'Нил и Чарлс Баркли имаа само суперлативи за играта на Јокиќ кој забележа уште еден трипл-дабл со 27 поени, 14 асистенции и 10 скокови. Легендарните кошаркари беа импресионирани перформансот на „џокерот“, а тој како и секогаш, скромно и со огромна почит одговараше на прашањата од новинарската екипа. 

„Пред почетокот на натпреварот почувствував мала возбуда, знаев дека ја почнуваме финалната серија, но штом започна натпреварот, се почувствував како на секој друг обичен меч. Мислам дека со таков пристап може да бидеме „приземјени“ и да ја оствариме нашата цел“, изјави Јокиќ. 

Баркли и Шек имаа и прашање околу неговата популарност во родната Србија и ги интересираше колку голем настан е финалето на НБА-лигата во неговата земја и регионот, а Јокиќ имаше искрен одговор.

„Да бидам искрен, не ја следев премногу НБА лигата порано. Гледавме некои натпревари на Владе Дивац и Дражен Петровиќ кои беа први југословенски играчи што пристигнаа овде. Тие ја отворија вратата за сите во иднина и мислам дека сега можеме да се пофалиме со солиден учинок на нашите кошаркари. Во Србија, НБА-лигата е спектакл, добивам пораки од пријателите дека организирано ги следат натпреварите и се обидуваат до крај да ги изгледаат, затоа што во моментов во Србија е четири наутро. 

Секогаш кога ќе се вратам во мојот роден град, не можам мирно да прошетам во првите две недели. Потоа ситуацијата малку се смирува и се јас се чувствувам како секој обичен граѓанин. Сакам кога нештата се едноставни, но можам да ги разберам и луѓето што ме застануваат и сакаат да се фотографираме или да добијат автограм“, заклучи „џокерот“. 

Денвер Нагетс води со 1-0 во големото НБА-финале против Мајами Хит. Никола Јокиќ одигра уште една феноменална партија и заедно со извонредниот Џамал Мареј ја донесоа првата историска победа во финалето за Нагетси. Денвер ќе биде домаќин и на вториот меч и ќе има шанса да ја удвои предноста пред преселбата на серијата во Мајами.