ВИДЕО: Јанис и Нуркиќ со звукот на сирената талични за Милвоки и Јута

Во една од највозбудливите вечери во НБА, кошаркарите на Милвоки Бакс славеа тешко извојувана победа против Индијана Пејсерс со резултат 117-115, во натпревар кој до самиот крај држеше неизвесност.

Милвоки во текот на целиот меч имаше резултатска контрола, во неколку наврати градејќи предност и до 12 поени разлика, но Пејсерси одбија да се предадат. Иако настапија без неколку клучни кошаркари, успеаја да се вратат во игра и да израмнат само 14 секунди пред крајот. Сепак, одлучувачкиот момент го имаше Јанис Адетокумбо, кој со прецизен шут буквално со звукот на сирената, го донесе триумфот на својот тим.

Во друг интересен дуел, Јута Џез приреди изненадување со победата на тешко гостување кај Бостон Селтикс (105-103). Натпреварот понуди драматична завршница и голем број пресврти. Јута во еден момент имаше и предност од 11 поени, но во последниот период речиси ја прокоцка, откако Бостон направи серија и поведе со 102-101. Сепак, херој на мечот стана Јусуф Нуркиќ, кој и покрај тоа што претходно доби техничка грешка поради три секунди во рекетот, на само 0,6 секунди до крајот ја искористи шанса по офанзивен скок и го постигна победничкиот кош.

Во редовите на Њујорк Никс, пак, немаше драма. Тимот од „Медисон сквер гарден“ убедливо го совлада Вашингтон Визардс со 119-102, запишувајќи уште една сигурна победа. Најдобар во редовите на Визардс беше Алекс Сар со 19 поени, осум скокови и седум асистенции, додека Кулибали, Џорџ и Киспер додадоа по 15 поени. Кај Никс блесна Карл-Ентони Таунс со 33 поени, 13 скокови и пет асистенции, а поддршка му дадоа Ануноби и Брансoн со по 16 поени.

Минесота Тимбервулвс рутински го совлада Бруклин Нетс со 125-109. Иако „волците“ настапија без својот прв стрелец Ентони Едвардс, тимската игра и доминацијата во последната четвртина беа доволни за втор последователен триумф. Бруклин се држеше рамноправно три четвртини, но во завршницата целосно падна, па остана единствен тим без победа сезонава (0-7), заедно со Њу Орлеанс Пеликанс, кои имаат натпревар помалку. Најефикасен кај Минесота беше Донте Дивинченцо со 25 поени, девет скокови и пет асистенции.

На останатите натпревари, Хјустон Рокетс беше подобар од Далас Маверикс (110-102), Детроит Пистонс победи кај Мемфис Гризлис (114-106), додека Мајами Хит за поен го совлада Лос Анџелес Клиперс (120-119).