ВИДЕО: Јанис експлодира со 50 поени, Милвоки е новиот НБА шампион!

Милвоки

Јанис Антетокумбо постигна 50 поени и беше МВП на финалната серија, во која Милвоки Бакс направи пресврт и стигна до победа над Феникс Санс (105-98).

Ова е прва титула за Бакси во НБА лигата по далечната 1971 година. Тогаш легендарниот Карим Абдул Џабар беше дел од тимот кој ја освои шампионската титула.

Натпреварот започна со домашна доминација во првата четвртина, но екипата од Аризона возврати пред паузата. Дури и успеа да замине во соблекувална со предност. Меѓутоа само што почна вториот дел, Милвоки ја презеде контролата над натпреварот и направи голем чекор кон победата.

Одличен беше Антетокумбо, кој покрај големиот број поени, придонесе уште со 14 скока и дури пет блокади. На спротивната страна потфрли Девин Букер кој заврши со 19 поени, а Крис Пол беше солиден со 26 поени.

Титулата МВП на финалната серија заслужено замина кај грчкиот интернационалец од редовите на новиот НБА шампион.

Феникс може да жали, со оглед на тоа што имаше предност од 2-0 во финалето. Меѓутоа наиде на противникот кој играше подобро, како што одминуваше серијата и победи на следните четири дуели.