ВИДЕО: Јанис броеше до 49 и сам го сруши Бруклин, болни порази за ЛА Лејкерс и Далас

Дурант кевин

Милвоки успеа да го добие дербито против Бруклин (117-114) во епски дуел меѓу Јанис Антетокумбо и Кевин Дурант. Грчкиот интернационалец се врати на терените со 49 поени и осум скока. Неговиот учинок беше најзаслужен за славјето на Бакси, кои го одбија секој напад на противникот. Дурант на спротивната страна шутна тројка за израмнување, но ја промаши. На крај заврши со 42 поени и десет скока.

Втор пораз во низа откако се врати Леброн Џејмс оствари Лос Анџелес Лејкерс. Шампионската екипа на Френк Вогел беше надигранa од Торонто (114-121). „Езерџиите“ загубија шест од последните седум меча и ризикуваат да не добијат сигурно место во плеј-офот. Сиакам и Лаури блеснаа и комбинираа за 76 поени за гостите од Канада.

Филаделфија се врати на првата позиција на Истокот, со минималниот триумф во последните секунди кај Сан Антонио (111-113). Џоел Ембид тргна да завршува акција за победа во завршницата, но промаши. Затоа на вистинското место се најде Бен Симонс и со звукот на сирената погоди за победа на Сиксерси. Ембид беше најефикасен со 34 поени и 12 скока.

Сензацијата во новата сезона Феникс се врати на челната позиција во Западната конференција со гостинската победа кај Оклахома Сити (120-123). Домашните кошаркари имаа закаснет финиш и иако убедливо ја добија последната четвртина, не успеаја да го комплетираат кам-бекот. Девин Букер беше прв стрелец кај тимот од Аризона со 32 поени.

Тежок пораз доживеа Далас од Сакраменто (99-111), во меч на кој Лука Дончиќ заработи две технички и беше исклучен од игра во самиот финиш. Словенецот до тој момент постигна 30 поени, но беше изреволтиран на неколку судиски одлуки. 

На останатите натпревари, гостински победи запишаа Портланд кај Босон, Мајами против Шарлот и Њујорк на дуелот со Хјустон.

Најнови вести од
НБА, САД