Јанески беше незадржлив, Гостивар му зададе удар на Куманово

Екипата на Гостивар продолжи онаму каде што застана во декември и го изненади Куманово на гостински терен (84-96) во рамките од 13. коло. Тимот на Јончевски беше подобар ривал во вториот дел и заслужено си замина дома со бодовите на своето конто.

Гостиварчани започнаа фуриозно и уфрлија 30 поени во домашниот кош по првите десет минути. Но, следуваше одговор од Куманово, кој се врати во игра и на пауза дури и замина со предност од 46-43. Следуваше одново пад на играта кај домаќинот, кој постигна само два поени за пет минути во третиот квартал. Тоа значеше дека гостинот одново го врати водството на своја страна.

Кошаркарите на Мирковски отворија со добра серија во последниот период. Тоа им овозможи да фатат приклучок и да останат во игра за бодовите. Кога беше најпотребно, Гостивар беше присебен и одговараше на сите налети на домашниот тим. Тоа му овозможи победнички да ја отвори новата година и да ја потврди добрата форма во македонското првенство.

  • Комплетниот натпревар меѓу Куманово и Гостивар: 

Најдобар поединец кај гостите беше Марјан Јанески кој одигра симултанка и заврши со 31 поен. Кај домаќинот се издвои Декуан Аброн со 27 поени. Во следното коло Гостивар го пречекува МЗТ Скопје Уни Банка, а Куманово гостува кај ТФТ.