• Саше Љолес
Како и секоја година, така и оваа продолжува хаосот во грчкиот кошаркарски шампионат. Олимпијакос води со 2-0 во финалната серија против Панатинаикос, но претседателот на „детелинките“, Димитрис Јанакопулос, повторно влезе во војна со федерацијата и се жали на очајното судење во финалето.
Кон неговите критики се приклучи и тренерот Ергин Атаман, кој беше исклучен на двата натпревари, но Јанакопулос беше подиректен и на социјалните мрежи напиша дека „вакво судење немала ни Стеауа во времето на Чаушеску“.
Атаман исто така беше многу лут и во подтрибинскиот простор довикуваше до судиите, велејќи дека „разбира зошто во Грција некогаш работат странски судии“, алудирајќи на нефер односот и лошата арбитража на мечевите.
Од Олимпијакос возвратија со контра-удар и најавија тужба за Јанакопулос, а целата ситуација се чини дека дополнително се комплицира и страстите зовриваат во пресрет на третиот натпревар кој е закажан за десетти јуни.