• Горан Упале
Кошаркарската селекција на Македонија ја забележа можеби најважната победа во групата А од претквалификациите за следното Европско првенство. Кошаркарите по цели дваесет години се вратија во салата „Градски Парк“ и над директниот конкурент за првото место Луксембуг славеа со 79-70 и останаа перфектни по три одиграни кола. На дебито на новиот селектор Жозеп Мариа Берокал нашите репрезентативци се покажаа во одлично светло, водеа уште од самиот почеток и во ниту еден момент не го ставија во прашање победникот на натпреварот.
Средбата започна со атракција! Повратникот во националниот состав, Итан Хап првите поени ги запиша со забивање, а потоа Јакимовски со три врзани донесе предност за Македонија од 5-2. Брзите напади на гостите им правеа проблеми на нашиот состав, но се чекаше моментот кога противникот ќе „заглави“ во таквиот ритам. Тоа нашите момци одлично го искористија – Стојановски и Ефремовски погодија за три поени и заминавме на дотогаш највисока предност од 17-11. Членот на Работнички го имаше наместено нишанот и погоди за 22-17, а првата четвртина заврши со прецизен удар за три поени со звукот на сирената на Ѓуроски за 25-17.
Нашата голема надеж Јакимовски на стартот од втората четвртина одново ги покажа своите индивидуални квалитети и со соло акција ги постигна едни од најатрактивните поени на натпреварот. На сличен начин погоди и искусниот Војдан Стојановски и Македонија за првпат се искачи на двоцифрена предност (29-19). Тоа беше доволна причина за гостинскиот селектор да повика тајм-аут и да го консолидира својот тим. Тоа вроди со плод, Луксембург врза пет поени и се врати на подносливи 29-24. Крај на мини-серијата на гостите стави Јакимовски со својот десетти поен, во продолжение погодија Петков и Лука Стојановски и позитива се искачи единаесет поени (35-24). Следуваше нова минута одмор за противникот, но тоа не го наруши ритамот на нашите момци - Ефремовски одново погоди од далечина, а точка на одличното прво полувреме стави Хап за убедливи 44-32. Новиот селектор Жозеп Мариа Берокал во првото полувреме шанса им даде на дури единаесет кошаркари, од кои најпрецизен беше Јакимовски со 11 поени, а Хап реализира седум.
Второто полувреме го започнавме со прецизен шут за три поени на Магдевски и нова атракција на Хап, за +19, а границата од дваесет поени предност ја достигнавме со поените на Мекиќ (54-34). Високото водство за момент ги опушти нашите кошаркари, гостите го искористија тоа и со седум поени во низа намалија на -13 (54-41). Кризата во нашиот табор продолжи и негативата се спушти на девет поени (56-47), а до крајот на четвртина реализиравме само уште три поени и во финалните десет минути влеговме со резултат од 59-49. Клучната четвртина ја отворивме со пет поени во низа, Хап и Јакимовски одново презедоа одговорност и сите надежи на гостите за поволен резултат беа згаснати. До крајот на средбата Македонија рутински го сочува водството и на крај славеше со 79-70.
Јакимовски и Хап беа незадржливи за Луксембург, младиот ас постигна 17 поени, додека Американецот имаше „дабл-дабл“ учинок од 15 поени и 14 поени. Двоцифрен беше уште Ефремовски со 13. Веќе за три дена гостуваме кај Азербејџан, а овој прозорец ќе го завршиме со домашен дуел против Ирска.


