Изречени суспензии за двајца од тројцата судии во кошаркарскиот Суперкуп!

Кошаркарската федерација на Македонија изрече санкции и дисциплински мерки кон официјалните лица задолжени за натпреварот од Суперкупот, во кој МЗТ Скопје го совлада тимот на Куманово (70-68). 

Работата на двајца од тројцата судии е оценета како слаба и затоа е изречена суспензија од два и од четири натпревари. Судијата Боро Антовски ја доби подолгата казна, а втората е изречена за неговиот колега Никола Јакимовски. 

Суспензија во должина од четири меча е изречена и за делегатот на натпреварот, Зоран Николовски, за, како што се вели, неуредно и непотполно спроведување на одлуки. 

Домашните навивачи беа видно револтирани од одредени одлуки на судиите во текот на мечот, но на крајот останаа со празни раце, затоа што ривалот од Скопје беше тој што го однесе трофејот во своите витрини.