Изненадување во АБА: Будуќност ѝ нанесе тежок пораз на Црвена Звезда од 22 разлика!

Кошаркарите на Будуќност приредија изненадување во АБА лигата, затоа што пред својата публика му зедоа скалп на гигантот Црвена Звезда. Тимот од Подгорица го одигра еден од најдобрите натпревари оваа сезона во АБА-друштвото и на крај заслужено славеше со убедливи 84-62.

По победата над најголемиот ривал Партизан во претходното коло, „црвено-белите“ како да се опуштија на гостувањето во „Морача“ и целосно потфрлија со својата игра. Тоа ги чинеше нов, вкупно трети пораз оваа сезона во регионалното натпреварување.

Будуќност одлично отвори и уште од првата четвртина му даде до знаење на фаворитот дека бодовите ќе останат во Подгорица. Домашните кошаркари тоа го потврдија и во втората четвртина, а најдобрата кошарка ја одиграа во последните десет минути, баш во периодот кога се очекуваше Црвена Звезда да додаде гас и да направи пресврт. Наместо тоа, Будуќност одлично ги затвори сите налети на противникот и со 25-11 во тој период стигна до убедлива победа од 22 разлика.

Ферел со 18 и Флечер Меги со 13 поени беа најдобри во таборот на Будуќност. Кај Црвена Звезда се истакна Митровиќ со 16 поени.